Kатлановска
спа

Физикална терапија кај бронхијална астма

Рехабилитациски постапки кај деца со респираторни болести имаат задача да ја подобрат белодробната функција.Тоа се постигнува со отстранување на секретот кој ги опструира дишните патишта,со аспирација(отстранување) на секретот,отстранување на белодробниот колапс и подобрување на дишењето и негова подобра контрола.

Многу патолошки состојби можат да влијаат на респираторната функција. Меѓу нив како најчести причинители се  аспирациска,бактериска или вирусна пнеумониа,цистична фиброза,бронхијална астма,бронхитис и други.

Бронхијална астма се одликува со повторувачки напади на отежнато дишење,чија што јачина може да варира од умерено стегање до асфиксија(потоплна неможност за дишење).Причините за појава на бронхијална астма се непознати,а болеста може да се манифестира после траума,промена на температурата,замор,психички и физички стрес.

Лечењето опфаќа отсранување на факторите кои го предизвикуваат нападот,намалување на опструкцијата на дишните патишта,вежби дишење,отстранување на претерана секреција од дишните патишта и превенирање на секундарни компликациии ,како деформитети на градниот кош.

Од општи мерки се применуваат следните:престојување во поволни климатски услови(топла и сува клима),спиење во просторија без прашина,избегнување психички стресови,овозможување на доволен телесен одмор и избегнување на физички умор и напрегање.

Рехабилитациски постапки кои се применуваат кај бронхијална астма се состојат од вежби дишење,превенција на развој на деформитет на градниот кош и ’рбетниот столб, а од исклучително значење е престој во природни лекувалишта.

Заради намалување или отстранување на опструкцијата на дишните патишта и отстранување на обилната секреција се применуваат бронходилататори (лекови кои го зголемуваат нивниот пречник) и постурална дренажа.Постуралната дренажа предизвикува олеснување на отстранувањето на обилниот секрет и намалување на бронхијалниот спазам.Положбата во која се поставува детето зависи од локализацијата на патолошките промени во белите дробови.Неопходно е да се изведува во континуитет и во домашни услови заради што е потребно едуцирање на родителите во однос на техниката на изведување и анатомијата и физиологијата на респираторниот систем..Нејзиното спроведување зависи од интензитетот и фреквенцијата на асматичните напади.Пред и за време на спроведувањето на постуралната дренажа се спроведуваат и активни вежби дишење кои имаат за цел да ја јакнат главната и помошната респираторна мускулатура.

 

Д-р Елена Петровска Дробицки

 

Kатлановска спа
Катланово, 1000 Скопје,
Република Северна Македонија

Медицински услуги и сместување : 02 2581000 / 070302596
Факс: 02 25 81 032
Мејл: contact@katlanovskaspa.com