Kатлановска
спа

Остеопороза ,превенција и лекување

Остеопороза претставува хронично,системско и прогресивно заболување на коските со намалување  на нивната маса,додека остеомалација е намалена минерализација на коските.

 Статистички во светот од остеопороза боледуваат 200 милиони луѓе,секоја втора жена и секој осми маж над 50 годишна возраст имаат ризик од појава на остеопороза.

   Симптомите кај остеопороза и остеомалација се преклопуваат,како што е болката во лумбалната регија(крстот) ,а подоцна може да прошири и во други делови од телото.

  Остеопорозата може да се подели на примарна(облик што се јавува после менопауза и кај повозрасни) и секундарна како резултат на друго заболување(намалена физичка активност,употреба на кортикостероиди,бубрежно заболување,недостаток на витамин Д и др.)

    За да ја дијагностицираме остeопорозата се применува коскена дензитометрија DXA која претставува безболна постапка со минимална доза на зрачење и со која се мери количеството на коскената маса.

   Присуството на остеопороза претставува ризик фактор од појава на скршеници  и тоа на следните локации

-скршеници на прешлени(настанува при мал удар или секојдневна физичка активност)

-скршеница на подлактицата(се јавува вообичаено во зимскиот период,најчесто кај жени на возраст од 50-60 години,а лекувањето може да биде конзервативно или оперативно)

-скршеница на колкот(се јавува вообичаено кај постари лица,најчесто се лекува оперативно и го зголемува ризикот  од поголем хендикеп)

Од огромна важност е рано дијагностицирање преку редовно применување на дензитометрија кај повозрасна популација и  превземање на превентивни мерки  за остеопороза како што се следните :

-правилна исхрана богата со калциум и витамин Д

-движење и редовна физичка активност(пешачење,јога,вежби за подобрување на рамнотежата)

-сончање во период од денот со намалено УВ зрачење и поминување подолг период  во денот на свеж воздух

-Избегнување на конзумирање на алкохол,цигари и кафе

   Како ќе се лекува остеопорозата зависи од повеќе фактори,како возраста,степенот на болеста и дали до сега настанале фрактури.Целта на лекувањето е превенција од појава на скршеници,спречување на понатамошно губење на коскената маса и воедно нејзино зголемување и намалување на болките. Лекови кои се применуваат кај остеопороза се лекови кои делуваат на намалување на коскеното пропаѓање како  што се бифосфонати.Тие се материи кои се прицврстуваат за коските  и ги инактивираат клетките задолжени за разградба на коскеното ткиво.Можат да се користат како дневна,неделна или месечна терапија и се комбинираат со калциум и витамин Д.Доколку терапијата и препораките за исхрана и физичка активност се применуваат ефикасно ризикот за појава на скршеници на коските се намалува за 50 % дури и по една година од почетокот на лекувањето.

 

Д-р Ема Тодорова

Kатлановска спа
Катланово, 1000 Скопје,
Република Северна Македонија

Медицински услуги и сместување : 02 2581000 / 070302596
Факс: 02 25 81 032
Мејл: contact@katlanovskaspa.com