Kатлановска
спа

Рехабилитација после вградена ендопротеза на колено

Индикации за оперативен зафат , реконструкција и замена на коленовиот зглоб со ендопротеза претставуваат сите патолошки систојби кои доведуваат до оштетување на зглобните елементи на коленото.Како главни индикации претставуваат болка која перзистира и покрај  примена на конзервативен третман ,афекција на коленовиот зглоб кај ревматолошки болести,пострауматски состојби или присуство на неоплазми.Ограничените движења , перзистентната болка во коленото,контрактура или неподвижност и потешкотии во нормалното функционирање во секојдневниот живот се најважниот индикатор за примена на оваа метода на лекување.

Оперативното лекување се состои од примена на софистицирани хируршки техники со кои што на местото на оштетеното коскено и рскавично ткиво на фемурот и тибиата се поставува протетски имплант со специфична големина која одговара за секој пациент индивидуално.

Основна цел во рехабилитациските постапки после вградувањето на тоталната ендопротеза на коленовиот зглоб е повторно воспоставување на максимално можната функција на коленото,односно да се постигне полн обем на движење ,дополнето со доволно јака мускулатура и намалување или комплетно губење на болката во коленото.

Иако спроведувањето на планот на рехабилитација претставува континуиран процес,сепак од практични причини може да се подели во следните три етапи:1.предоперативна рехабилитација2.рана постоперативна рехабилитација3.продолжена рехабилитација.

Предоперативната рехабилитација се спроведува преку примена на вежби дишење,статички контракции за мускулатурата на надколеницата,вежби за зголемување на обемот на движење во коленото,вежби одење со помош на помагало.

Раната постоперативна рехабилитација се спроведува на ортопедските клиники, непосредно по спроведување на оперативниот зафат.
Третата фаза на продолжена рехабилитација се споведува во специјализирани центри за рехабилитација,како што е Катлановска бања.

Во оваа фаза на рехабилитација применуваме кинезитерапија која се интензивира со примена на вежби за зголемување на мускулната сила и вежби за зголемување на обемот на движења.

Воедно во протоколот за рехабилитација на ендопротеза на колено вклучуваме  хидрокинезитерапија.

Термоминералната вода со својот изразен аналгетски ефект,го олеснува движењето и воедно пружа отпор со што се подобрува мускулната сила и се постигнува поголем обем на движење.Во топлата минерална вода пациентите ги изведуваат вежбите многу полесно одколку на суво ,што доведува до зголемување на самодовербата и позитивниот став на пациентите кон самиот план на рехабилитација и доведува до постигнување на поголем успех.

Влијанието на хидрокинезитерапијата која во рехабилитацијата на ендопротезата на коленото, се изведува во топла минерална бања е голема и забрзано делува во враќање на изгубената функција на зглобот и овозможува воспоставување на повторно безболен од и нормална фунција на коленото,намалување на мускулниот спазам и совладување на контрактурите во зафатеното колено.

Искуствата и добиените резултати во рехабилитација на пациентите по вградена ендопротеза на коленото во центарот за физикална медицина и рехабилитација Катлановска Бања се охрабрувачки и се должат на долгогодишно искуство во оваа област.

Ова укажува од неопходноста од започнување на ран рехабилитационен третман.Секое негово одложување претставува ризик од појава на придружни компликации,пред се контрактури и деформитети во оперираното колено и отежнато оспособување за изведување на сејдневните активности.

 

Д-р Елена Петровска Дробицки

 

 

Kатлановска спа
Катланово, 1000 Скопје,
Република Северна Македонија

Медицински услуги и сместување : 02 2581000 / 070302596
Факс: 02 25 81 032
Мејл: contact@katlanovskaspa.com