Kатлановска
спа

Рехабилитација кај болни од системска склероза

Системска склероза претставува системско,генерализирано заболување на сврзното ткиво на кожата,локомоторниот систем и внатрешните органи кое се карактеризира со фибротични наслаги на периферната циркулација и циркулацијата на внатрешните органи и натрупување на екстраклеточен матрикс во кожата и органите. Претставува автоимуно ревматолошко заболување. Најчест период на манифестација на болеста е во четириесетите и пеесетите години од животот, со поголема процентуална застапеност кај женската популација.

Причините за појава се непознати. Како можни провоцирачки фактори се вбројуваат нарушување на имунитетот,одредени хемикалии и лекови.
Во клиничката слика на оваа болест како еден најзастапен клинички знак е појавата на таканаречен Raynaud-ов феномен кој подразбира појава на бледило,модрило и црвенило на крајните делови на телото и тоа 100 процентна застапеност на прстите на рацете,80 процентна застапеност на прстите на стопалата и 37 проценти на други крајни делови на телото.Зачестеноста на овие атаки зависи од присуство на провоцирачки фактори како студенило,возбуда,стрес,пушење,преголема употреба на кофеин,хемикалии и лекови.Кожните манифестации поминуваат низ неколку фази:Почетна фаза проследена со оток,чувство на затегнатост на кожата на прстите,придружени со интензивно чешање.Потоа следува втората фаза која се карактерзира со зтегната,задебелена,сува кожа која се лупи.Лицето добива птичји изглед. Последната фаза е наречена атрофична фаза.Покрај кожните манифестации се јавуваат и фибротични промени во срцето,белите дробови,бубрезите и гастроинтестиналниот тракт,болки во зглобовите,најчесто во рачниот зглоб,лактот и колената ,проследени со вкочанетост и болки во мускулите.

Лекувањето на системска склероза се состои од превентивни мерки,континуирана медикаментозна терапија под контрола на специјалист ревматолог и примена на физикални и рехабилитациони мерки.
Целта на спроведување на рехабилитација е превенција од настанување на вкочанетост во зглобовите ,намалување на болката,подобрување на еластичноста на кожата,сочувување на белодробната функција и општата кондициона способност на болниот.
Пациентите се едуцираат да избегнуваат студенило,студени напитоци и храна,заштита во ладните периоди со топла облека,забрана на пушење и конзумирање на алкохол,редовна нега и  одржување на хигиената на кожата со употреба на неутрални сапуни и креми и превенирање на нејзина инфекција.Исхраната треба да се состои од помали и кашести  оброци и спроведување на лесна физичка активност по оброкот.Пациентите се советуваат  да престојуваат почесто во природа заради поволното дејство врз кардиоваскуларниот и респираторниот систем и психофизичката способност на болниот. Физикалната терапија има за цел подобрување на фунцијата на циркулацијата и позитивно влијаните на кожните промени преку примена на електро терапија,фототерапија,мануелна масажа,термотерапија,парафински купки.Од исклучителна важност е примената на кинезитерапија  и хидрокинезитерапија со цел превенција од појава на контактури во зглобовите,зголемување на обемот на движење,подобрување на мускулниот еластицитет .

 

Д-р Елена Петровска Дробицки

Kатлановска спа
Катланово, 1000 Скопје,
Република Северна Македонија

Медицински услуги и сместување : 02 2581000 / 070302596
Факс: 02 25 81 032
Мејл: contact@katlanovskaspa.com