Katlanovska
spa

Цервикален синдром

Цервикален синдром е збир на симптоми кои се манифестираат со појава на болка во подрачје на вратната регија и ширење на болката во рамениот појас,рацете и лопатките.Овој синдром за разлика од лумбалниот синдром е далеку помалку проучен и од аспект на физиологија,кинезиологија и останати области кои се занимаваат со оваа проблематика се карактеризира со многу специфичности.

   Од физиолошки аспект овој синдром претставува збир на симптоми кои се поврзани со иритација или компресија на нервните корени кои се наоѓаат во меѓупрешленските отвори или компресија на крвни садови во оваа регија.

  Промените кои се случуваат во вратниот ‘рбет најпрво се воочуваат на меѓупрешленските дискуси како резултат на хронични оштетувања и имаат спора еволуција.Акутни оштетувања настануваат како резултат на јака траума(сообраќајна несреќа или скок на глава во плитка вода).За разлика од нив хроничните промени покрај меѓупрешленскиот дискус ги зафаќаат меѓупрешленските зглобови,меките

ткива,лигаментарномускулните структури.Секоја промена која го намалува просторот во кој се наоѓаат нервните корени се манифестира со радикуларна симптоматологија.Клиничката слика може да се развие акутно,субакутно и хронично.Симптомите можат да бидат специфични и неспецифични.Неспецифични симптоми се : ограничени движења,спазам на мускулатурата,болна осетливост на допир и други.Специфичните симптоми се разликуваат во зависност на кое ниво од вратниот ‘рбет се наоѓаат промените,па според тоа тие ќе се манифестираат во регијата која е инервирана од нервниот корен кој му припаѓа на тоа ниво со појава на болка,нарушен сензибилитет и оштетен рефлекс.

  Во зависнист во која фаза се наоѓа,во лекувањето на цервикалниот синдром се применуваат следните постапки :

Во акутна фаза се препорачува примена на медикаментозна терапија, мирување и имобилизација.Ова е основен тип на терапија и трае онолку долго колку што е потребно да се повлечат акутните знаци на болеста.Корисно е употреба на околувратна ортоза со цел ограничување на движењата во вратот кои ја зголемуваат болката и релаксација на мускулатурата.Се препорачува и употреба на анатомска перница за спиење и се забранува спиење на стомак.Од  физикалните процедури во оваа фаза се применува криотерапија,а преминувајќи кон субакутна фаза се применува и електротерапија и мануелна масажа,како и тракција,односно екстензија на вратниот ‘рбет.

Во хронична фаза во лекувањето се применуваат медикаментозна терапија,електротерапија,мануелна масажа,термотерапија,хидротерапија и кинезитерапија.Во кинезитерапискиот програм се вклучуваат   вежби за корекција на држењето на телото ,јакнење на вратните и грбните мускули,вежби за релаксација,вежби со статички контракции и вежби за истегање.

   Бидејќи овој синдром се карактеризира со фази на мирна клиничка слика и фази на влошување,од исклучително значење е едукација на пациентот со цел превземање на превентивни постапки со цел продолжување на времето на фазите на мирна клиничка слика.Со таа цел се врши едукација на пациентите  за секојдневно спроведување на заштитни мерки:избегнување на нагли движења и долги нефизиолошки положби на главата и вратот,избегнување на подолго наведнување на главата нанапред додека е во седечка положба,препорака за носење на околувратник,посебно во текот на ноќта кога и најчесто несвесно се завзема положба која најмногу го оптоварува вратниот ‘рбет.Кај некои пациенти се дава препорака и за промена на работно место.

Katlanovska Spa
Katlanovo, 1000 Skopje,
Republic of North Macedonia

Medical services and accomodation : 02 2581000 / 070302596
Fax: 02 25 81 032
E-mail: contact@katlanovskaspa.com